Association Nationale des Professeurs de Français en Uruguay

05.02.2015 - Ликовно уметничко дело на тетовец изложено во Париз

05.02.2015 - Ликовно уметничко дело на тетовец изложено во Париз 

Преку уметничкото дело на тетовецот Илми Рамадани, со градот Тетово можат да се запознаат сите случајни или намерни минувачи и сите љубители на уметноста во Париз. Постерот со неговата ликовна креација која содржи мотив од Шар Планина, камениот мост, црква и џамија се најде на столбовите на Интернационалниот град на уметноста во Париз и ќе остане таму до 8 февруари. Целта на изложбата е да се претстават родните градови, а Тетово е меѓу 100 те претставени градови во светот во кои се наоѓаат француски алијанси како промотори на француската култура. Делото на Илми беше избрано на конкурс во септември во рамки на проект на Француската алијанса во Тетово. 

-Всушност се работи за еден важен проект со кој ја промовираме различноста на културата, француската култура во Тетово, но исто така се обидовме да ја промовираме овдешната уметност и култура надвор од границите на земјава, односно на францускиот народ. Идејата да учествуваме на изложбата во Париз е да дадеме шанса на еден уметник од Тетово да прозбори преку слика за својот роден град. Во таа насока го избравме делото на Илми и се гордееме што се најде меѓу делата на големи уметници кои доаѓаат од сите страни на светот, вели Жули Шамберланд од Француската алијанса во Тетово.

На изложбата во Париз која се случува во рамки на одбележувањето на месецот на графичката уметност учествуваат повеќе од 80 земји. Сликата на Тетово е единствената од Македонија, а е меѓу четирите од Балканот. Освен на изложбата делото на Илми Рамадани исто така се најде во книгата која ги содржи сите 1500 графички дела постирани во рамки на месецот на графичката уметност. 

Илми освен постерот со мотив од градот Тетово за проектот во организација на Француската алијанска од Тетово веќе има освоено второ место за насловна слика во организација на Амбасадата на Соединетите Американски Држави. 

Наташа Петровска